ЛАНИ ДОЈДОВМЕ КАКО ТУРИСТИ, А СЕГА КАКО БЕГАЛЦИ, ВЕЛАТ ДВЕТЕ УКРАИНСКИ СЕМЕЈСТВА СМЕСТЕНИ ВО ОХРИД И СТРУГА

    ЛАНИ ДОЈДОВМЕ КАКО ТУРИСТИ, А СЕГА КАКО БЕГАЛЦИ, ВЕЛАТ ДВЕТЕ УКРАИНСКИ СЕМЕЈСТВА СМЕСТЕНИ ВО ОХРИД И СТРУГАМарија Орловскаја и нејзиниот сопруг лани ја посетиле Македонија како туристи, а годинава пристигнале како бегалци (Фото: СДК.МК)

    Украински семејства пристигнаа во Охрид и Струга, бегајќи од руската воена агресија, која беснее веќе еден месец.

    Марија Орловскаја заедно со сопругот Владимир и петте деца, од кои најмалото е едномесечно бебе, се сместени во Струга, откако го напуштиле домот во Запорожје.

    „Беше тешко да се одлучиме да заминеме од Украина оти имаме куќа која ја градевме повеќе од пет години и бизнис што го почнавме пред осум години. Беше навистина многу страшно и моравме да избегаме. Живееме во близина на аеродром, секојдневно се слушаа пукотници од пет часот наутро. Куќата се тресеше од бомбардирањата“, раскажува Марија.

    Тие го напуштиле домот само со една торба, прво во западна Украина, каде што останале една недела и помагале на бегалци како волонтери. Но, кога и во тој дел почнале да одекнуваат сирени за воени напади, одлучиле да ја напуштат татковината.

    „Избегавме само со облеката која беше на нас. По улиците имаше вооружени групи, патиштата беа блокирани. Прво стигнавме кај роднини во западна Украина, но и таму почнаа да се слушаат сирени и пукотници и одлучивме да избегаме. Околните градови беа окупирани од Русите. Клучевите од куќата ги оставивме кај соседите и таму преспиваат оние кои се евакуираат од други региони“, вели Марија.

    Нејзиниот сопруг вели дека лани ја посетиле Македонија како туристи, а годинава пристигнале како бегалци.

    „Поминавме низ Албанија, Србија, Бугарија и Црна Гора, но најмногу бевме воодушевени од Македонија и затоа дојдовме тука. Не ни е важно дали ќе добиеме парична помош, сакаме само да поминеме време во мир. Тука природата е убава, а македонскиот и украинскиот народ се блиски. Пред да пристигнеме тука, на една група на Фејсбук побаравме некој што може да ни помогне. Волонтер од Албанија ни понуди хотел во Струга за да се сместиме бесплатно. Колку ќе останеме, не знаеме“, вели Владимир Орловски.

    Марија и Владимир сакаат да работат и да помагаат, таа како докторка, а тој во делот на финансиите и компјутерите. Децата им учат онлајн по украинската наставна програма, а тука планираат да посетуваат дополнителни активности, како пеење, танцување или спорт. Велат дека не им е потребна финансиска помош.

    „Засега имаме сè што ни е потребно, кров над глава. Доколку некој сака, може да обезбеди пелени за бебето“, додава Марија.

    Олга Косиченко е од Полтава, град оддалечен 100 километри од Харкив. Во Македонија пристигнала со сопругот и трите деца, но и со домашните миленици, куче и маче. Сместени се во Охрид, каде што плаќаат кирија од 250 евра месечно. Повеќето нејзини роднини заминале во Полска, но таму трошоците биле далеку поголеми.

    „Имаме блиски роднини кои дојдоа од Харкив и живееја кај нас, оти претходно десет дена биле во подрум поради бомбардирањата. Ситуацијата стануваше сè полоша, па избегаа со возот за евакуација. До Варшава стигнаа со автобус што го организираа волонтери. Во Полска е полошо, оти цените на становите што се издаваат се високи, 1.000 долари за месец, а треба да се плати за три месеци однапред“, раскажува Олга.

    Таа и нејзиниот сопруг, кој е психијатар, велат дека одлучиле да ја напуштат Украина, пред сè, поради нивните деца. Додека престојуваат во Охрид, бараат градинка за четиригодишниот син, а 14-годишната ќерка посетува онлајн настава.

    Од Владата денеска кажаа дека засега нема ниедно барање за статус бегалец во земјава од граѓаните дојдени од Украина.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира