ГИ ОТВОРИВ И ДОМОТ И СРЦЕТО ЗА БЕГАЛЦИТЕ, ВЕЛИ СТРУЖАНЕЦОТ АЛБЕРТ ХАМИ, КОЈ ЗГРИЖИ УКРАИНСКО СЕМЕЈСТВО СО ПЕТ ДЕЦА

    ГИ ОТВОРИВ И ДОМОТ И СРЦЕТО ЗА БЕГАЛЦИТЕ, ВЕЛИ СТРУЖАНЕЦОТ АЛБЕРТ ХАМИ, КОЈ ЗГРИЖИ УКРАИНСКО СЕМЕЈСТВО СО ПЕТ ДЕЦАХани вели дека на семејството Орловски нема да му наплати ништо за престојот во неговиот дом (Фото: СДК.МК)

    „На социјалните мрежи беше објавено дека семејство од Украина бара згрижување во Македонија. Се понудив, ме комуницираа, разговаравме и се поклопивме во нашите интереси, цели, традиции. Со моето семејство одлучивме да го примиме ова семејство со пет деца и уште едно дете кое дојде со нив. Дури и едно убаво куче кое нè развеселува во дворот“, раскажува Алберт Хани, кој обезбеди бесплатен престој во Струга за семејството на Владимир и Марија Орловскаја, кои поради војната го напуштиле домот во Запорожје.

    Во Македонија престојуваат како туристи во вилата на Хани, кој вели дека иако се уредно пријавени во Секторот за внатрешни работи, се надева дека нема да му биде побарано да плати туристичка такса за нив оти не им наплаќа кирија.

    „Следејќи ги нашата традиција и бесата, која е ветување кај нас Албанците, им ветив дека јас ќе се грижам за нив. Ги отворивме и куќата и срцето и ги поддржуваме финансиски колку што можеме за да се чувствуваат како дома, како дел од нашето семејство. Разговараме за различни култури таму во Украина и тука кај нас“, вели Хани.

    Тој вели дека хуманоста која ја поседува е причината за ваквиот потег.

    „Не би сакале да профитираме од тагата и несреќата која ги снајде. Секој заслужува да живее во мир“, додава Хани.

    Владимир и Марија Орловски претходно ја посетиле Македонија како туристи (Фото: СДК.МК)

    Хуманоста ја покажале и бројни други стружани, но и граѓани од други градови, кои секојдневно се нуделе да помогнат. Тоа, според Хани, ја отсликува вредноста која ја има народот во Македонија, кој е познат по гостопримството и великодушноста.

    Раскажувајќи ја голготата низ која поминале поради руската воена агресија, Владимир Орловски рече дека одлучиле да го напуштат родното Запорожје оти не знаеле што може да донесе следниот ден поради силните бомбардирања од кои им се тресела куќата. Најпрво заминале во западна Украина, каде што останале 10 дена.

    „Мојата сопруга комуницираше на социјалните мрежи и многу луѓе се понудија да ни помогнат. Минатата година патувавме низ Албанија, Бугарија, Србија и Македонија и видовме многу убави места кај вас. Се понуди еден човек кој сакаше да помогне и така се најдовме тука. Многу сме благодарни“, вели Владимир.

    Тој се надева дека градот во кој живееле нема да биде уништен и за брзо време ќе можат да се вратат. Засега, вели, нема безбедно место во Украина.

    Најголем број од украинските бегалци се во Полска, но некои од нив по кратко време сакале да преминат во Македонија поради далеку подобрите услови.

    „Луѓето во Полска мора да изнајмуваат стан, а цените се многу високи. Алберт вети дека ќе помогне доколку некој од моите роднини сака да дојде тука. Ние остануваме тука додека не заврши војната“, вели Владимир.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира