Претставата „Моето име е Горан Стефановски“ (My Name is Goran Stefanovski), во режија на Бранислав Миќуновиќ, ќе ја има првата изведба в четврток во Драмскиот театар во Скопје (20 часот). Таа е опишана како интимна посвета на еден од најзначајните македонски и европски драматурзи, а содржи сцени од седум негови драми: „Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Евроалиен“ и „Одисеја“. Нив во една целина ги адаптираше драматургот Бранислава Илиќ.
Играат: Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ и Дамјан Цветановски.
Сценограф е Александар Дениќ, а костимите ги изработи Роза Трајческа Ристовска. Во претставата се користи авторска музика на Влатко Стефановски.
Од Драмски театар велат дека претставата ќе има уште две премиерни изведби, на 1 и 2 април.