УКРАИНА СКЕПТИЧНА ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА РУСКИТЕ СИЛИ ОД КИЕВ, САД ОЧЕКУВААТ ОФАНЗИВА НА ДРУГИ ФРОНТОВИ

    УКРАИНА СКЕПТИЧНА ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА РУСКИТЕ СИЛИ ОД КИЕВ, САД ОЧЕКУВААТ ОФАНЗИВА НА ДРУГИ ФРОНТОВИ12 луѓе загинаа во вчерашното гранатирање на административната зграда во Миколаив (Фото: АП)

    Украина реагираше со скепса на руското ветување дека ќе ги намали своите воени активности околу Киев и Чернигов, додека западните земји очекуваат Русија да ја засили офанзивата во други делови од земјата.

    „Украинците не се наивен народ. Украинците веќе имаат научено во изминатите 34 дена од инвазијата и во изминатите осум години од војната во Донбас дека можат да веруваат само во конкретни резултати. Можеме да кажеме дека има позитивни сигнали, но тие не ги придушуваат експлозиите на руските гранати“, изјави претседателот Володимир Зеленски.

    Пентагон вчера соопшти дека Русија почнала да повлекува мал дел од трупите од позициите околу Киев, што повеќе личи на репозиционирање, отколку на повлекување од војната.

    „Сите треба да бидеме подготвени на голема руска офанзива во други делови од Украина. Ова не значи дека Киев веќе не е под закана“, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.

    Британските воени разузнавачи кажаа дека руските единици кои претрпеле големи загуби во Украина се вратиле во Русија и Белорусија со цел да се реорганизираат и снабдат.

    „Русија веројатно ќе продолжи да надоместува за своите ограничени маневарски капацитети на терен со масовни артилериски и ракетни напади“, велат од британското министерство за одбрана.

    По завршувањето на вчерашните мировни преговори во Истанбул, заменик-министерот за одбрана Александер Фомин изјави дека Русија драстично ќе ги намали своите воени активности околу Киев и Чернигов, додавајќи дека е направен прогрес околу неутралниот и ненуклеарен статус на Украина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира