Општина Центар поднесе жалба до Управата за имотно-правни односи за одземањето на државното земјиште зад зградата „Тифани“ во строгиот центар на градот. Без да се побара согласност од Општината, Министерството за финансии во март со решението го одзема правото на користење на државното земјиште на катастарската парцела КП 11843/2. Решението е донесено откако сопственост на државното земјиште побарала компанијата „СМС шопс“, која заедно со физички лица е сопственик на соседната парцела.
„Градежната парцела бр.5.9.1. е во сопственост на државата, каде трајно право на користење има Општина Центар и е со вкупна големина од 413 метри квадратни. Од три расположливи катастарски парцели, оние кои се во сопственост на државата се со површина од 22 квадратни метри и 90 квадратни метри, а најголема е парцелата која во Катастарот се води како државен имот врз кој право на користење има Општина Центар. Таа е со површина од 301 квадратен метар, но приватизација Управата за имотно правни работи ја одобрува на 185 квадратни метри. Општина Центар како траен корисник на дел од државното земјиште морала да биде прашана за согласност пред било каква одлука или постапка од страна на институциите. Во овој случај постапката за одобрението на Општина Центар е заобиколена, поради што и градоначалникот Герасимовски поднесува жалба“, велат од Општина Центар.
Според Деталниот урбанистички план Мал ринг од 21 декември 2012 на градежната парцела бр. 5.9.1. во чии рамки се наоѓа катастарската парцела 11843/2, од која дел е во државна сопственост, предвидува градби од категорија А2, односно домување во станбени згради. Во тек е постапка за донесување на нов план, каде што за посочената катастарска парцела предвидена е намена В4, односно државни институции.