Украинските власти во источниот регион Луганск ги повикаа цивилите да си заминат додека е безбедно, предупредувајќи дека руските бомбардирања би можеле да ги отсечат евакуациските маршрути. Украина вели дека руските сили се прегрупираат и се подготвуваат за голема офанзива на регионот Донбас, кој го вклучува и Луганск.
Вицепремиерката Ирина Верешчук изјави дека за денеска е планирано отворање на 11 коридори за евакуација од украинските градови, од кои пет во Луганск.
„Ќе ги извлечеме сите ако Русите ни дозволат. Како што знаете, тие не секогаш почитуваат прекин на огнот. Го повикувам секој жител на Луганск да си замине додека сè уште има автобуси и возови“, кажа гувернерот на Луганск, Серхиј Гајдај.
Тој додаде дека руските сили уништуваат сè пред себе и не планираат да запрат.
Во изминатите денови, руските сили се повлекоа од киевскиот регион и од северот на Украина со цел да се фокусираат на Донбас. Тие сега контролираат најголем дел од Луганск и повеќе од половина Доњецк. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека на руските сили ќе им требаат неколку недели да се подготват за очекуваната офанзива на источна Украина.