На јубилејната 10. Авицена женска трка утре ќе трчаат и жените членки од експертските тимови што ја вршат трансплантацијата на коскена срцевина, со поддршка од Елизабета Ѓеоргиевска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски. Жените ќе трчаат заради промовирање на солидарноста и зголемување бројот на дарители на коскена срцевина во националниот дарителски регистар.
На трката ќе биде отворен и пункт каде што секој на возраст од 18 до 50 години кој ее во добра здравствена состојба ќе може да стане дел од Националниот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина, а со тоа да спаси и човечки живот. Пунктот ќе биде лоциран на стартот на трката, од 08:30 часот до 10 часот, на паркингот во вториoт дел од Градски парк-Скопје, кај Памп трек-стазата.
Ова е во рамките на кампањата „Биди срцевина, биди херој“, организирана од Универзитетската клиника за хематологија и Институтот за имунобиологија и хумана генетика, а подржана од Министерството за здравство.
„Сите што сакаат да бидат дел од регистарот, треба да одвојат само 5 минути од своето време и да донираат 5 мл крв. Со зголемувањето на бројот на доброволни дарители во Дарителскиот регистар за коскена срцевина се зголемуваат и шансите за пронаоѓање на соодветен дарител за пациентите за кои единствен спас е трансплантацијата на матични клетки. Заинтересираните граѓани истовремено ќе можат и подетално да се информираат за тоа како и кој може да стане дарител, како и за значењeто на трансплантациите како можност за лекување“, велат од кампањата.