ЗАВРШИ ТАКТИЧКАТА ВЕЖБА „БЛЕСОК 22“ НА КРИВОЛАК, ЛЕСНИОТ ПЕШАДИСКИ БАТАЛЈОН Е СПОСОБЕН ЗА МИСИЈАТА

    ЗАВРШИ ТАКТИЧКАТА ВЕЖБА „БЛЕСОК 22“ НА КРИВОЛАК, ЛЕСНИОТ ПЕШАДИСКИ БАТАЛЈОН Е СПОСОБЕН ЗА МИСИЈАТАЛесниот пешадиски баталјон е првата поголема единица која беше оценувана според стандардите за оценување на борбена подготвеност на НАТО, по членството на државата во Алијансата, рече министерката Петровска (Фото:Ѓ.Личовски)

    Лесниот пешадиски баталјон, кој е составен дел на Првата пешадиска бригада е борбено способен да ја извршува својата мисија. Ова е оценката која ја доби армиската единица по вежбата „Блесок 22“ која заврши денеска со демонстрација на тактичка вежба на полигонот „Криволак“.

    „Армијата на Северна Македонија на дело покажа дека е способна и мотивирана. Дека функционира според највисоките НАТО стандарди. Лесниот пешадиски баталјон е првата поголема единица која беше оценувана според стандардите за оценување на борбена подготвеност на НАТО, по членството на државата во Алијансата. Можеме да одиме со исправена глава, зашто покажавме дека сме на одличен пат да ги исполниме сите зацртани НАТО цели на способности“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.

    Над 1.100 армиски припадници во периодот од 3 април до денеска извеле околу 60 вежбовни настани и инциденти. Секој од нив бил успешно оценет.

    Петровска кажа дека оваа вежба е важна и затоа што оценувањето беше вршено од домашен набљудувачки тим, под супервизија на набљудувачи од НАТО. Во тимот 85 проценти се сертифицирани НАТО набљудувачи, што го надминува НАТО стандардот од 50 проценти.

    Вежбата „Блесок 22“ е национална теренска вежба која се реализираше од 3 до 11 април на армискиот полигон „Криволак“, кампот за обука „Пепелиште“, касарната „Јане Сандански“ во Штип и касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец. Вежбата е организирана и се реализира со цел оценување на борбената подготвеност согласно декларираните цели на способности на лесен пешадиски баталјон согласно Стандардите за оценување на копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО.

    Реализацијата на вежбата се одвиваше според фиктивно сценарио со креирани настани и инциденти кои овозможија единицата да се оцени согласно НАТО стандардите, вели Министерството за одбрана.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира