ШТО ЌЕ НИ Е ОТВОРЕНА ВРАТА НА ЕУ, КОГА НЕ НÈ ПУШТААТ ДА ВЛЕЗЕМЕ, КАЖА ЃУКАНОВИЌ ПО СРЕДБАТА СО ПЕНДАРОВСКИ

    ШТО ЌЕ НИ Е ОТВОРЕНА ВРАТА НА ЕУ, КОГА НЕ НÈ ПУШТААТ ДА ВЛЕЗЕМЕ, КАЖА ЃУКАНОВИЌ ПО СРЕДБАТА СО ПЕНДАРОВСКИПретседателот Пендаровски рече дека недозволиво е Црна Гора 10 години да ги води преговорите со ЕУ и европските стратези треба да се запрашаат зошто земјите од Западен Балкан уште не се дел од ЕУ. (Фото: СДК.МК)

    Од Цетиње за САКАМДАКАЖАМ.МК, Ана Антевска

    Војната во Украина покажа дека земјите од Западен Балкан мора да бидат дел од Европската унија и тоа треба што побрзо да се случи заради стабилност на регионот, кажаа македонскиот и црногорскиот претседател Стево Пендаровски и Мило Ѓукановиќ по денешната средба во Цетиње. И двајцата сметаат дека на Балканот е присутно влијанието на Русија и токму затоа треба да престанат опструкции од Бугарија и земјава да ги почне пристапните преговори со Унијата.

    „Европските партнери не треба само да ја држат вратата на ЕУ отворена за Западен Балкан, туку и да помогнат нашите земји да станат нејзини членки. Северна Македонија направи жртва со Преспанскиот договор, но за жал денеска се соочува со нова опструкција на патот кон ЕУ. Без одлагање треба да почнат преговорите и сметам дека доаѓаат позитивни сигнали од новата бугарска влада дека во првата половина на оваа година за време на француското претседателство тоа ќе се случи”, рече Ѓукановиќ.

    Претседателот Пендаровски рече дека недозволиво е Црна Гора 10 години да ги води преговорите со ЕУ и европските стратези треба да се запрашаат зошто земјите од Западен Балкан уште не се дел од ЕУ.

    „Денес кога сведочиме на ужасните злосторства предизвикани од руската инвазија на Украина, сметаме дека тоа треба да значи и пресвртница во односите помеѓу ЕУ и регионот. Европските интеграции се процес кој овозможува длабинска трансформација и реформи во насока на демократизација на општествата и не случајно Европската Унија е стратешка цел и на Северна Македонија и на Црна Гора“, рече Пендаровски.

    На новинарско прашање дали Црногорците ќе бидат внесени во Уставот, Ѓукановиќ рече дека тоа ќе биде побарано кога во Македонија ќе се создадат услови за тоа, односно обезбедување на двотретинско мнозинство во парламентот, а Пендаровски додаде дека и еден Црногорец да живее во Македонија тој ќе биде внесен во Уставот.

    Во однос на изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за одвојување на Албанија од Македонија на патот кон ЕУ, Пендаровски рече дека е сосема разбирливо и дека било очекувано тоа да се случи.

    Пендаровски и Ѓукановиќ разговарале и за можности за полесно поврзување на двете земји и соработка во областа на енергетиката.
    Пендаровски попладнево ќе се сретне и со Здравко Кривокапиќ, претседател на Владата на Црна Гора и со Дритан Абазовиќ, потпретседател на Владата и мандатар за состав на нова Влада на Црна Гора.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира