Нов пожар утрово околу 5 часот избувна во кругот на фабриката „Треска“. Како што ни изјави командирот на скопската Пожарна Звонко Томески, станува збор за сосема друг објект, односно продавница за бои и лакови.
„Екипи цела ноќ дежураа во рамките на фабриката и затоа пожарот беше веднаш регистриран и за 15 минути изгаснат со три противпожарни возила. Пожарникари и денеска ќе останат на локацијата“, вели Томески.
Вчера во „Треска“ околу пладне изби голем пожар во магацин. После два часа пожарот беше изгаснат, а скопската градоначалничка Данела Арсовска изјави дека бил подметнат.
Просторот кај поранешната фабрика „Треска“ е актуелен поради зградите кои треба да никнат таму и битката на граѓанските организации да се спречи ново бетонизирање на Скопје.
А. АНТЕВСКА