Проектот за изградба на експресен пат Битола-Меџитлија, односно до грчката граница, е во финална фаза. До овој момент не се обезбедени пари за иградбата на патот, но како што вели Јоже Јовановски од ЈП за државни патишта, влезен е во приоритетната листа на проекти.
„Сега се наоѓаме во фаза на проектирање, проектот очекуваме да биде завршен до средината на годинава, по што ќе поднесеме барање за добивање одобрение за градење. Го дизајнираме проектот да биде подобен и за финансирање од меѓународни институции. Во овој момент немаме прецизна вредност на проектот, но тоа е голема инвестиција од околу 70 милиони евра“, рече Јовановски на јавната расправа за влијанието на изградбата на патот врз животната средина.
Во тек се преговори со Европската комисија за ИПАРД 3 рамката, па надлежните се надеваат дека веројатно ќе се одобрат средства за кофинансирање, со оглед на тоа што патот се наоѓа на европскиот коридор 10 Д.
Ако се обезбедат пари, изградбата би траела три до четири години. Од трите варијанти избрана е источната во должина од 22,15 километри, траса на која нема објекти за рушење, туку ќе има земјоделски земјишта за експропријација.
„Ако не се реализира овој инвестициски зафат ќе имаме неразвиена патна инфратруктурна мрежа, севкупниот развој на регионот и искористувањето на потенцијалните можности ќе биде доведено во прашање и нема да се создаде поволен економски амбиент. Сегашната инфрастуктрна мрежа не е во функција за потребите на развој на регионот. Ако патот не се изгради, повторно ќе остане оптоварувањето на градот Битола, бидејќи сега сите транзитни возила што превезуваат стоки минуваат низ центарот на градот“, рече експертот Љупчо Аврамовски.
Постоечкиот пат кој Битола ја поврзува со граничниот премин Меџитлија е единствената сообраќајна врска на Југозападниот Регион во земјава со Грција. Патот е тесен, стар и полн со дупки како кратери. Не е реновиран со години, а не проработи ни железничката пруга која почна да се реновира пред три години.
Ж. ЗДРАВКОВСКА