Германските власти ја запленија најголемата јакта на светот откако добиле потврда дека е поврзана со рускиот олигарх Алишер Усманов. Истрагата утврдила дека јахтата е регистрирана на името на неговата сестра Гулбахор Исмаилова.
Од почетокот на март, на суперјахтата „Дилбар“ ѝ беше забрането да исплови од пристаништето во Хамбург, но во прв момент немало наредба за нејзино запленување. Долга 156 метри, вредноста на јахтата се проценува на 735 милиони долари. Опремена е со два хелиодрома и со најголемиот затворен базен инсталиран на јахта. Одржувањето на јахтата чини 60 милиони долари годишно.
Богатството на Усманов е проценето на 18,4 милијарди долари и ЕУ го опишува како еден од омилените олигарси на Путин.