Русија нема да користи нуклеарно оружје во Украина, изјави министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Запрашан за ова во интервјуто за ТВ-каналот „Индија тудеј“, Лавров кажа:
„Само конвенционално оружје“.
На почетокот на војната, Владимир Путин нареди руските нуклеарни сили да бидат ставени во состојба на подготвеност, а подоцна портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, најави дека Русија би можела да употреби нуклеарно оружје во случај на егзистенцијална закана. Украинскиот претседател Зеленски пред неколку дена предупреди дека Русија би можела да употреби тактичко нуклеарно оружје, кое има помала сила и домет од класичните нуклеарни проектили.
Лавров во истото интервју потврди дека руските сили започнаа нова фаза од војната во Украина.
„Целта на операцијата на истокот на Украина е целосно ослободување на народните републики Доњецк и Луганск“, изјави тој.