ПЕНТАГОН ПОТВРДИ ДЕКА УКРАИНА ДОБИЛА АВИОНИ И ВЕТИ НОВА ВОЕНА ПОМОШ ДОДЕКА РУСИЈА ЈА ЗАСИЛУВА ОФАНЗИВАТА ВО ДОНБАС

    ПЕНТАГОН ПОТВРДИ ДЕКА УКРАИНА ДОБИЛА АВИОНИ И ВЕТИ НОВА ВОЕНА ПОМОШ ДОДЕКА РУСИЈА ЈА ЗАСИЛУВА ОФАНЗИВАТА ВО ДОНБАСМосква вчера потврди дека почнала втората фаза од војната (Фото: АП)

    САД и сојузниците ѝ ветија уште оружје на Украина за да ѝ помогнат да се одбрани од обновената руска офанзива на истокот. Истовремено, Велика Британија вели дека Русија продолжува да го зголемува своето воено присуство во регионот Донбас, каде што се интензивираат борбите долж целиот фронт откако Москва вчера потврди дека почнала втората фаза од нејзината специјална војна операција.

    Џо Бајден кажа дека Украина ќе добие артилерија и системи за противтенковска и противвоздушна одбрана во новиот пакет воена помош. Пентагон потврди и дека Украина примила авиони и делови за поправка на своите оштетени авиони. Портпаролот Џон Кирби не прецизираше кои земји ги обезбедиле авионите, но кажа дека Украина сега има повеќе оперативни борбени авиони отколку пред две недели.

    „Украина прими дополнителни авиони и авионски делови, но не од Вашингтон. Ние секако помогнавме да се транспортираат некои авионски делови, но не и цели авиони“, кажа Кирби.

    САД претходно најавија дека ќе испратат хеликоптери од руско производство кои биле наменети за Авганистан.

    Повеќе од 50 дена од почетокот на војната, Русија сè уште нема воспоставено доминација на украинското небо, зашто украинските воздушна флота и противвоздушна одбрана и натаму се функционални.

    Генералштабот на украинската војска соопшти дека руските сили ја засилуваат офанзивата на повеќе локации на истокот, додека се обидуваат да пронајдат слаби точки во одбранбената линија. Тој додаде дека главен руски приоритет останува заземањето на челичарницата „Азовстал“, каде што се кријат последните бранители на Мариупол. Тие денеска добија уште еден, трет ултиматум да се предадат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира