Адвокатот на ексначалникот на Петтата управа на МВР Горан Грујовски на денешното прво рочиште по обвинението на СЈО против него и други шестмина вработени во УБК за противзаконски запалиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесувале на незаконското прислушување, побара од судијката Лидија Петровска да ги одбие сите докази во назнака класифицирано, бидејќи СЈО не побарало дозвола од создавачот на информациите да можат да се користат во судот. Еден од создавачите на информациите, според случајот „Таргет“ на СЈО, е токму првообвинетиот Грујовски, кој е осомничен дека незаконски прислушувал, а осомничен е и во случајот „Тврдина“ за уништување на два системи за прислушување во УБК.
Судијката Петровска, која во „бомбите“ на опозицијата беше споменувана како „Сваровски судијката“, постапи по барањето на адвокатот Никола Додевски и го одложи судењето за 17 јануари, до кога му наложи на СЈО да добие дозвола од создавачот на информациите, Управата за безбедност и контраразузнавање, класифицираните докази да можат да бидат користен во судот.
Ова беше прво обвинение на СЈО кое дојде до судење, а го застапуваат обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов. Тие реагираа на ваквата одлука на судијката и во записник ги наведоа Законот за кривична постапка и сите уредби од кои, според нив, доказите со назнака класифицирано, СЈО ги прибавило на законски начин. Ристоска потсети дека не е првпат судот во постапка да користи класифицирани податоци, како што беше случај и за предметот „Пуч“ и праша зошто тоа досега не било проблем и зошто судот воспоставува селективен пристап токму за овој случај. На тоа, судијката Петровска одговори дека нема да дозволи судот да биде неовластен објавувач на информации со назнака државна тајна.
На крајот, Пеливанов и рече на судијката:
„Судија, веднаш ви кажувам дека УБК нема да ни го даде актот што ни го барате. Ние од април чекаме ваков одговор за друг случај и до денеска немаме одговор од УБК“.