Владимир Путин ѝ нареди на руската војска да не упаѓа во челичарницата „Азовстал“, која е последното упориште на украинските сили во Мариупол, туку таа да биде блокирана. Покрај украинските бранители, чија точна бројка не е позната, се верува дека во подземните тунели се кријат и стотици цивили.
Путин му даде наредба на министерот за одбрана Сергеј Шојгу да ја запечати огромната фабрика „така што ни мува нема да може да избега“ и му честиташе на успешната операција во Мариупол. Шојгу претходно соопшти дека руските сили го освоиле градот.
Според Шојгу, во фабриката има над 2.000 украински борци, кои се составени од маринци и припадници на крајнодесничарскиот Азовски баталјон. Путин изјави дека упад во така голема индустриска област, која располага и со широка мрежа подземни бункери, би бил непрактичен.
Мариупол беше под руска опсада повеќе од седум недели, претрпувајќи огромни штети како резултат на секојдневните интензивни бомбардирања. Градските власти кажаа дека во градот загинале над 20.000 луѓе.
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук побара од Русија веднаш да отвори хуманитарен коридор за евакуација на цивилите и ранетите од „Азовстал“.
„Таму има околу 1.000 цивили и 500 ранети војници. Сите треба уште денеска да излезат од фабриката“, кажа Верешчук.