ПЕТКОВ ЌЕ ГИ ВОДИ КОАЛИЦИОНИТЕ ПАРТНЕРИ ВО КИЕВ ДА ВИДАТ ДАЛИ Е БРАТОУБИСТВЕНА ВОЈНА КАКО ШТО ВЕЛИ РАДЕВ

    ПЕТКОВ ЌЕ ГИ ВОДИ КОАЛИЦИОНИТЕ ПАРТНЕРИ ВО КИЕВ ДА ВИДАТ ДАЛИ Е БРАТОУБИСТВЕНА ВОЈНА КАКО ШТО ВЕЛИ РАДЕВБугарија не може ниту да одлучи дали треба да ѝ прати воена помош на Украина, а можно е и да падне владата поради прашањето. - Петков во Скопје на 18 јануари (Фото: Ѓ. Личовски)

    Бугарскиот премиер Кирил Петков најави дека со претставници на четирите коалициони партии од неговата влада следната недела ќе одат во Киев на лице место да се уверат дали треба да ѝ помогнат на Украина со оружје.

    Бугарија не може ниту да одлучи дали треба да ѝ прати воена помош на Украина, а можно е и да падне владата поради прашањето, кое што стана актуелно со посетата на Софија на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, кому од бугарскиот претседател Румен Радев му беше кажано дека во Украина се води „бесмислена братоубиствена војна“.

    Од коалиционите партнери во бугарската влада, Бугарската социјалистичка партија (БСП) вели дека ќе ја напушти владата ако ѝ се испрати оружје на Украина, додека Демократска Бугарија вели дека ќе ја напушти владата ако не се испрати оружје.

    „Во моментов Демократска Бугарија велат: ‘Тоа е нашата црвена линија’, БСП велат: ‘Тоа е нашата црвена линија’. Треба да размислиме. Затоа ќе ги поканам да отидеме во Киев, затоа што човек не може да има поинформирано решение отколку кога е таму“, изјави Петков во интервју за бугарската телевизија „Нова“.

    Петков му се правдаше на Кулеба дека да зависи само од него, Бугарија ќе ѝ испрати воена помош на Украина, но како премиер мора да води сметка за интересите на сите партии во владата:

    „Оваа влада многу пати јасно кажала, ние ја осудуваме агресијата на Русија. Разбирам г-н Кулеба. Како Кирил Петков, не како премиер, за мене воената помош е апсолутно правилното нешто да се направи. Но, во случајов сум премиер, имам коалициски партнери кои што имаат јасни ‘црвени линии’ и мојата задача не е да се правам најхрабриот“, вели Петков.

    Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба разочаран си замина од Бугарија, откако од бугарските политичари добил само изговори зошто Бугарија не може да ѝ испрати воена помош на Украина да се одбрани од руската агресија. Посебно беше разочаран од изјавата на Радев за братоубиствена војна.

    „Откако Русија ја нападна Украина малку луѓе можат да си го превртат јазикот и да ги наречат рускиот и украинскиот народ братски, освен ако ги немаме предвид Каин и Авел“, му одговори Кулеба на Радев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира