Управниот одбор на Твитер ја прифати понудата на Илон Маск за преземање на компанијата за 44 милијарди долари. Шефот на „Тесла“, кој ја достави шокантната понуда пред помалку од две недели, изјави дека Твитер има неверојатен потенцијал што треба да се ослободи.
Фирмата во прв момент се обиде да се одбрани од понудата на Маск, но сега соопшти дека ќе побара од акционерите да ја одобрат зделката.
„Слободата на говорот е камен-темелник на функционална демократија и Твитер е дигитален плоштад каде што се дебатира за прашањата важни за иднината на човештвото. Сакам да го направам Твитер подобар од кога било, унапредувајќи го со нови функции, победувајќи ги ботовите и проверувајќи ја автентичноста на сите корисници. Твитер има огромен потенцијал и едвај чекам да работам со компанијата и заедницата за да го ослободиме тој потенцијал“, изјави Маск.
Во почетокот на овој месец, тој стана најголемиот акционер во Твитер откако купи 9,2% акции, за потоа да одбие да влезе во управниот одбор.
Согласно новиот договор, што треба да биде заклучен подоцна оваа година, Твитер ќе стане приватна компанија.