Во петокот на социјалните мрежи се појавија фотографии на кои се гледа како автомобил „БМВ“ со гостиварски таблички се движи по Камениот мост во Скопје. По три дена потрага, полицијата соопшти дека го пронашла возачот и дека добил три казни за сторени сообраќајни прекршоци.
„Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека вчера е санкциониран И. А. (68) од с. Чегране, Гостивар, кој со патничко возило се движел по Камениот мост во Скопје. Изречени му се мерки за движење спротивно на сообраќаен знак, паркирање во пешачка зона и за истечена важност на сообраќајна дозвола“, се вели во соопштението на МВР.
Возачот од Чегране се движел со автомобилот од правец на чаршијата кон плоштад Македонија.
Сличен инцидент се случи во декември 2020, кога жител на Арачиново со поголема брзина се движеше со „бентли“ по скопскиот плоштад, загрозувајќи ја безбедноста на граѓаните.
З. АНДОНОВ