ОПШТИНАТА ОБЈАВИ ПОВИК ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ, БИТОЛЧАНИ СО ПРОТЕСТНО ВОЗЕЊЕ ПО 62. ПАТ БАРААТ ВЕЛОПАТЕКИ

    ОПШТИНАТА ОБЈАВИ ПОВИК ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ, БИТОЛЧАНИ СО ПРОТЕСТНО ВОЗЕЊЕ ПО 62. ПАТ БАРААТ ВЕЛОПАТЕКИЕдно од претходните возења на „Битола на точак“. (Фото: СДК.МК)

    Денес Општина Битола објави јавен повик за субвенционирање велосипеди, а иницијативата „Битола на точак“ в четврток по 62. пат организира протест со заедничко возење, овој пат под мотото „8 години Битола на точак, 0 километри вело инфраструктура“.

    Според јавниот повик за субвенции за велосипеди, кој ќе трае до петти мај, Општина Битола ја презема оваа мерка за да ги стимулира граѓаните за користење превозни средства кои не го загадуваат воздухот. Вкупниот буџет кој е планиран за овој јавен повик врз основа на Програмата за заштита на животната средина е во висина од милион денари без пресметан персонален данок. Средствата што ќе ги надоместува Општина Битола се 50% од цената на велосипедот, но не повеќе од пет илјади денари. Услов за учество е купувачот да нема искористено субвенција за истата намена од буџетот на Општината, а велосипедот треба да е купен во периодот додека трае јавниот повик. Веќе неколку години Општина Битола доделува субвенции за велосипеди.

    Од иницијативата „Битола на точак“ соопштија дека нивниот став е непроменет од порано, а тоа е дека прв приоритет треба да е безбедна вело инфраструктурата, па мотивирање на граѓаните за премин на точаци, истражувања и анализи, како и подобрување и проширување на вело инфраструктурата.

    Задутре, „Битола на точак“ ја организира 62. критична маса и ги повикува сите граѓани кои се засегнати, се сложуваат и се залагаат за вело инфраструктура да се вклучат на протест со заедничко возење од 18 до 19 часот. Тие бараат од локалните јавно избрани функционери да покажат елементарен осет за безбедност за движење низ градот и да инвестираат во одржливи начини на движење преку безбедна и удобна пешачка и велосипедска инфраструктура.

    На последниве локални избори сите партии и групи кои го сочинуваат градскиот Совет беа едногласни дека нивните реакции се оправдани и дека ќе се залагаат за промени во планирањето на сообраќајот.

    „Кога веќе го имаме тој консензус не гледаме причини за дополнителни одлагања. Битола може да стане вело град во еден мандат доколку тоа се постави како стратешка. Засега тоа не го гледаме. Додека цел свет инвестира во одржливи начини на живот, ние остануваме заглавени во минатото. Затоа апел до сите носители на одлуки за проактивност и ажурност оти најдоброто време за инвестирање во вело инфраструктура беше вчера“, соопштија од „Битола на точак“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира