МЛАДЕНЦИТЕ КОИ ИМААТ ЗАКАЖАНО ВЕНЧАВКА НЕ ГИ ВРАЌАМЕ, ВЕЛАТ ОД УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ МАТИЧНИ КНИГИ КОИ ОД ДЕНЕС ШТРАЈКУВААТ

    МЛАДЕНЦИТЕ КОИ ИМААТ ЗАКАЖАНО ВЕНЧАВКА НЕ ГИ ВРАЌАМЕ, ВЕЛАТ ОД УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ МАТИЧНИ КНИГИ КОИ ОД ДЕНЕС ШТРАЈКУВААТВо 2019 година Управата издала погрешни 21.957 изводи.(Фото: К.Попов)

    Вработените во Управата за водење на матични книги низ земјава од денеска штрајкуваат. Не работат шалтерите за издавање извод од матичната книга на родени, умрени и венчани. Се примаат само младенците кои имале закажано термин за склучување на граѓански брак.

    „Сите кои имаат закажано термин можат да си склучат брак. Граѓаните знаат дека сме во штрајк и не доаѓаат. Ќе одговориме на барања за итни случаи како што се за болни лица, починати или лица од странство. Бараме да се уредат одредена права од работниот однос, да се изврши зголемување на платите и да се уреди постапката за стекнување на повисоки звања на вработените кои со години се на исти позиции“, велат од Синдикатот на Управата за водење на матични книги.

    Управата за водење на матични книги е една од институциите за кои граѓаните имаат најмногу поплаки. Освен што не можат со денови или месеци да добијат извод, со саати се чека по шалтерите и постојано се издаваат изводи со неточни податоци поради грешка на вработените.

    Последниот извештај на Државниот завод за ревизија утврди многу неправилности во работењето на Управата за водење матични книги. Освен финансиски неправилности, Државниот завод за ревизија утврди и дека само во 2019 година Управата издала погрешни 21.957 изводи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира