АМЕРИКАНСКА КОНГРЕСМЕНКА НАЈАВИ МОЖНИ САНКЦИИ ЗА БУГАРИЈА ПОРАДИ ВЕТОТО ЗА МАКЕДОНИЈА

    АМЕРИКАНСКА КОНГРЕСМЕНКА НАЈАВИ МОЖНИ САНКЦИИ ЗА БУГАРИЈА ПОРАДИ ВЕТОТО ЗА МАКЕДОНИЈАКонгресменката Тени вели дека е разочарана од постапките на Бугарија. (Фото: Твитер)

    Американската конгресменка Клаудија Тени кажа дека размислува да формира коалиција во Претставничкиот дом и Сенатот што би работела на можни санкции против Бугарија оти не го трга ветото за почеток на пристапни преговори на Северна Македонија со Европската Унија, во интервју за „Гласот на Америка“.

    Тени вели дека се покажало оти официјалното писмо што група конгресмени го испратија до бугарскиот амбасадор во Вашингтон Тихомир Стојчев не функционирало, како и дека целта на ваквата коалиција со членови од Претставничкиот дом и Сенатот, би била да ја поттикнат Бугарија на дијалог. Во ноември минатата година, 13 американски конгресмени испратија писмо до амбасадорот Стојчев, повикувајќи ја Бугарија да пронајде решение за спорот кој ги кочи Македонија и Албанија да ги почнат пристапните преговори со Европската Унија.

    „Ако би можеле да најдеме некаков вид санкции што би биле ефективни за да ги доведеме на маса, или нешто што би поттикнало решение на овој конфликт и безобразно однесување, кое би можело да доведе до агресија и до проблеми во иднина во овој регион“, рече Тени.

    На прашање дали посетата на бугарскиот државен врв, предводен од премиерот Кирил Петков, на отворањето на културен центар именуван по историски докажан нацистички соработник Ванчо Михајлов е во согласност со НАТО стандардите, Тени вели дека е разочарана од постапките на Бугарија.

    „Разочарана сум што гледам како Бугарија продолжува да постапува и време е за поагресивна акција на САД во однос на дипломатски притисок врз нив и да ги доведеме на маса. За жал, мислам дека нема да го добиеме тоа од администрацијата на Бајден. Тие не изгледаат толку заинтересирани за овој регион во светот, кој мислам дека е еден од најкритично важните региони во светот. Отсекогаш бил порта меѓу Истокот и Западот. И секогаш е многу, многу важно ние како земја да ги поддржуваме сојузниците на НАТО во овој регион. Како што знаете, не се сите сојузници на НАТО, и не се сите во ЕУ. Значи, имаме многу историја и години на борба во овој регион“, вели Тени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира