Речиси 300 случаи на хепатит кај деца се регистрирани во 20 држави низ светот, објави Светската здравствена организација. И Србија денеска го пријави првиот можен случај, кај дете од девет години, чиј црн дроб е во тешка состојба.
Здравствените власти низ светот истражуваат мистериозен пораст на бројот на случаи на заболување на црниот дроб, што прво било забележано во Велика Британија. СЗО соопшти дека има и еден смртен случај.
До 1 мај, најголем број случаи на хепатит кај помали деца е регистриран во Европа, но ги има и во Северна и Јужна Америка, западен Пацифик и југоисточна Азија. Првите случаи на овој необичен хепатит биле откриени во Шкотска кај деца до 10 години и сега се истражуваат повеќе од 140 случаи во Британија. Повеќето од болните британски деца имале блага форма на воспаление на црниот дроб, но на десет деца им била потребна трансплантација.
Научниците сметаат дека обичен вирус наречен аденовирус, кој се врати во пандемијата, би можел да биде причинителот. Вирусите на хепатит (А, Б, Ц, Д, и Е), кои вообичаено ја предизвикуваат состојбата, не се детектирани кај ниедно од децата.
Здравствените власти велат дека засега нема причина да се верува дека оваа ретка состојба се шири низ светот.