Унгарија не може да го поддржи последниот пакет-санкции на Европската Унија, кој вклучува и целосна забрана за увоз на руската нафта, изјави премиерот Виктор Орбан.
„Нафтеното ембарго би било како фрлање атомска бомба на унгарската економија, но подготвени сме да преговараме за некој нов предлог кој е во согласност со интересите на Унгарија“, изјави Орбан.
Европската комисија во средата ги предложи досега најтешките санкции за Русија, но неколку земји изразија загриженост од можноста да се откажат од руската нафта. Брисел истовремено им понуди на Унгарија, Чешка и Словачка да ја одложат примената на ембаргото до крајот на 2023, но тие сметаат дека и дотогаш не би успеале да се прилагодат.
„На Унгарија би ѝ требале најмалку пет години и големи инвестиции во своите рафинерии и цевководи за да го трансформира својот сегашен систем, кој 65% се потпира на руската нафта. Сакаме да видиме друг предлог од Брисел. Ние сакаме да соработуваме со ЕУ, но само ако е во наш интерес“, кажа Орбан.
Тој додаде дека Унгарија нема да ги поддржи ни санкциите против рускиот патријарх Кирил, зашто тоа било прашање на верски слободи.