Стратешкиот дијалог кој земјава на 2 јуни го почнува со Соединетите Американски Држави не е замена за членството во Европската унија, кажаа денеска американската амбасадорка во во земјава Кејт Брнз и премиерот Димитар Ковачевски.
„Стратешкото партнерство меѓу САД и Македонија е нешто што почна пред многу години. Со дијалогот на една маса ќе седнат претставници на двете влади и ќе се дефинира и разговара за областите на соработка. Северна Македонија ја обработи својата задача за членство во ЕУ и сметаме дека треба што поскоро да биде земја членка. Стратешкот дијалог не претставува замена за членството во ЕУ, туку за унапредување на односите. Дијалогот со Северна Македонија секако ќе го имавме бидејќи односите и соработката ни се многу важни“, рече амбасадорката Брнз која заедно со премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галовеј на спортскиот аеродром „Стенковец“ го посетија отворениот ден за приказ на воздухоплови кои се е дел од НАТО вежбата „Swift Response 22“.
Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање исто така кажа дека стратешкиот дијалог со САД не е замена за ЕУ и дека земјава не се откажува од членство во Унијата, но во моментов тоа не зависи од нас. Во однос на вчерашната изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека јуни е последна шанса да се тргне ветото од Бугарија и доколку тоа не се случи нашата Влада и граѓаните нема да имаат повеќе енергија за ова прашање, рече дека токму истото и тој го говорел.
„Изјавата на Османи воопшто не се разликува од тоа што јас го имам кажано во неколку наврати, а тоа е дека 17 години Северна Македонија е земја со кандидатски статус, која има синхронизирано 45 отсто од законодавството со законодавството на ЕУ. Како држава и како граѓани имаме направено многу работа на патот кон почнување на преговорите, сме направиле откажувања на тој пат и сме донеле тешки одлуки. Во секој процес кој предолго трае се намалува довербата и изјавата на Османи е токму во таа насока. Конечно треба ЕУ да се одважи да го исполни својот дел од обврската и час поскоро да биде определен датум за одржување на првата меѓувладина конференција“, рече Ковачевски.
Тој кажа дека стратешкиот дијалог со САД ќе биде во областите на економија, образование, инвестиции и во многу други области коишто значат унапредување на соработката, но и на зголемување на размената и инвестициите од САД во земјава.
А. АНТЕВСКА