ВО СВЕТОТ СЕ ПРАВАТ СМАРТ ЗАТВОРИ, А КАЈ НАС ЗБОРУВАМЕ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ВО НИВ, РЕКОА НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА ВО БИТОЛА

    ВО СВЕТОТ СЕ ПРАВАТ СМАРТ ЗАТВОРИ, А КАЈ НАС ЗБОРУВАМЕ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ВО НИВ, РЕКОА НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА ВО БИТОЛАОд меѓународниот научен настан за третманот на осудените лица и како до нивна успешна ресоцијализација, на Битолскиот универзитет. (Фото: СДК.МК)

    „Ние кај нас разговараме, замислете, за материјални услови и подобрување на објектите на казнено-поправните установи, а говорничката од Финска зборува за смарт затворот или од Естонија за дигитализација на затворите“, рече професорката Ангелина Станојоска од Правниот факултет од Битола на меѓународниот научен настан за третманот на осудените лица и како до нивна успешна ресоцијализација, што се одржа на Битолскиот универзитет.

    „Во овој дел имаме многу работа, тоа го нотира и Комитетот за превенција од тортура во своите извештаи, но покрај критиките дава и позитивни забелешки дека се менува и пристапот и материјалните услови во казнено-поправните установи. Не може сите оддеднаш да се подобрат, една по една, но најголемите забелешки се насочени кон Идизово, каде треба сè уште да се работи многу во однос на материјалните услови“, рече Станојоска.

    Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување санкции, рече дека ресоцијализацијата на осудените лица не е на задоволително ниво, а една од причините невработеноста во општеството.

    „Ресоцијализацијата има за цел намалување на рецидивите и и повратниците во казнено-поправните домови. Имаме изготвено програми по кои работиме, разменуваме искуства со меѓународни институции. За жал, не е на задоволително ниво, но вложуваме максимални напори да ја постигнеме целата. Соработуваме со Министерството за образование, имаме образовни програми низ кои минуваат осудени лица, учење на занети и слично. Главен проблем е невработеноста. По излегувањето до затвор не знаат што да прават и можеби тоа е една од причините што ги повторуваат кривичните дела за кои веќе излежувале затвор“, рече Спасовски.

    Сепак, има примери на осудени лица кои завршиле обуки за готвачи, пекари, машинобравари, се вработиле, создале семејства кои ги издржуваат токму од занаетот и образованието што ги стекнале во казнано-поправите домови.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира