Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш бара од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на линијата 19 да се пуштат повеќе автобуси на Јавното претпријатие ЈСП „Скопје“.
Изминативе три дена за Шутка нема автобуси бидејќи во 90 отсто линиите „19“ и „20“ ги одржуваат приватните превозници, кои не возат бидејќи Градот не им исплатил пари за три месеци. Градоначалникот Дудуш вели дека сега жителите на Шутка се отсечени од другите делови на градот, немаат начин како да стасаат на работа или на лекар, а голем дел од нив се со ниски приходи и не можат да си дозволат да се возат со такси.
„И Шуто Оризари е дел од Скопје и не треба да бидеме запоставени. Не може во Шутка да возат само приватни автобуси, да возат кога сакаат и до каде сакаат, а на ЈСП ‘Скопје‘ да врти само еден автобус цел ден. Затоа сме во комуникации со Градот да се пуштат повеќе автобуси на јавното сообраќајно претпријатие, приватниците нека возат на другите линии. Да видиме дали во другите општини ќе се однесуваат како во Шутка да не застануваат на патници и да возат до последна станица оти на пазарот имало гужва, како што ни велат нас“, вели градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш.
Градоначалничката Данела Арсовска не одговра какво решение решение ќе најде за проблемот со приватните превозници и жителите на Шуто Оризари.
Од ЈСП „Скопје“ нема кој да даде изјава и да каже дали ќе се пуштат повеќе автобуси бидејќи немаат директор откако досегашниот Иван Илиевски минатата недела си даде оставка по нецели 6 месеци од назначувањето на функцијата. Нов в.д. директор уште не е назначен.
Со воведување на единствениот систем на наплата уште во времето на ексградоначлникот Коце Трајановски и во автобусите на ЈСП „Скопје“ и во приватните важат истите билети и истата цена. Градот преку ЈСП „Скопје“ за возврат им исплаќа на приватните превозници по 1 евро за секој изминат километар, Но, сега како што велат од „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ не им се исплатени пари за февруари, март и април, а веќе сме средина на мај. Исто така намален им е и авансот кој за секој месец им се исплаќа за да можат да работат.
А. АНТЕВСКА