Пациентите од Прилеп и околните општини веќе нема да мораат за преглед на магнетна резонанца да патуваат во Скопје туку оваа здравствена услуга ќе ја добиваат во ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност во Прилеп. Таму денес беше пуштено во употреба Одделение со магнетна резонанца, обезбедено преку ИПА фондовите од Министерството за здравство, а средствата за градежниот дел ги обезбеди Прилепската болница.
„Во Прилепската болница означуваме ново поглавје во овој сегмент што значи зајакната дијагностика. Новата магнетна резонанца за првпат се обезбедува во оваа болница. Здравствените услуги ги доближуваме поблиску до граѓаните кои оваа дијагностичка услуга ќе ја добиваат во нивното место на живеење. Апаратот од денес е поврзан во националниот електронски систем Мој термин,а изминатите денови заврши обуката на персоналот и се направија сите пробни снимања“, рече министерот за здравство Беким Сали.
Во последните четири години за Прилепската болница обезбедени се 40 специјализации, од кои само во последната година 24 , а набавена е и нова опрема.
Запрашан кога ќе се подобрат условите за работа во Итната медицинска помош во Прилеп, која работи во стара зграда, Сали одговори дека подготвуваат регионална стратегија за набавка на 60 возила за овие служби низ државата, а во делот на реновирање на објекти плановите се во почетна фаза.
Ж. ЗДРАВКОВСКА