Италијанската полиција соопшти дека спречила обиди на проруски хакери да го нарушат гласањето на Евровизија во Торино. Украина победи на натпреварувањето благодарение на огромната поддршка во јавното гласање, додека на Русија не ѝ беше дозволено да учествува.
Полицијата кажа дека цел на хакерската група „Килнет“ биле првото полуфинале во вторникот, кога настапи и Украина, и големото финале во саботата. Сепак, одделението за сајбербезбедност ги блокирало нападите.
„Различни компјутерски напади насочени кон мрежната инфраструктура за време на гласањето и настапите беа ублажени“, соопшти полицијата.
„Калуш оркестра“ ѝ ја донесе третата победа на Украина на Евровизија со својата рап фолк песна „Стефанија“ откако освои убедливо најмногу гласови од публиката.