АКО ДО ПЕТОК НЕ ИМ СЕ ПРИФАТИ КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР, МАТИЧАРИТЕ ЌЕ ГО РАДИКАЛИЗИРААТ ШТРАЈКОТ

    АКО ДО ПЕТОК НЕ ИМ СЕ ПРИФАТИ КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР, МАТИЧАРИТЕ ЌЕ ГО РАДИКАЛИЗИРААТ ШТРАЈКОТНезависниот синдикат на Управата за водење матични книги најави дека од понеделник ќе протестираат во Скопје и други градови (Фото: СДК.МК)

    Доколку Министерството за финансии до петок позитивно не одговори на поднесената верзија на колективниот договор, Независниот синдикат на Управата за водење матични книги ќе го радикализира штрајкот. Матичарите штрајкуваат веќе три недели, а ако не им биде прифатен колективниот договор, претседателот на синдикатот Тони Милошевски најави дека од понеделник ќе излезат на протести прво во Скопје, а потоа и во другите градови.

    „Штрајкот во УВМК продолжува до потпишување на поединечен колективен договор на ниво на работодавач. На 12 мај имавме работна средба со УВМК и Министерството за правда, при што заеднички направивме усогласена верзија на колективниот договор. Беше доставена до Министерството за финансии, од каде што до денес немаме добиено одговор. Ако до петок не добиеме позитивен одговор, планираме заедно со други синдикати да го радикализираме штрајкот. Тоа значи дека од понеделник ќе протестираме и пред Министерството за финансии и други министерства“, порача Милошевски од Битола.

    Матичарите бараат повисоки плати, потпишување колективен договор на ниво на работодавач и решавање на статусот на колегите со подолг стаж кои сè уште се водат како помлади референти. Додека трае штрајкот, не може да се извади извод од родени, умрени и венчани, ниту да се склучи брак. Документи се издаваат само за починати и болни лица ако треба да се пренесат во странство или обратно.

    Управата за водење матични книги е една од институциите за која граѓаните имаат најмногу поплаки. Освен што не можат со денови или месеци да добијат извод, со саати се чека по шалтерите и постојано се издаваат изводи со неточни податоци поради грешка на вработените.

    Последниот извештај на Државниот завод за ревизија утврди многу неправилности во работењето на УВМК. Освен финансиски неправилности, Државниот завод за ревизија утврди и дека само во 2019 година Управата издала погрешни 21.957 изводи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира