Повеќе од 900 украински борци кои излегоа од челичарницата „Азовстал“ се испратени во затворска колонија на територија под руска контрола, кажа Москва, додека нивната судбина останува неизвесна.
Портпаролката на министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, кажа дека до синоќа се предале 959 бранители на Мариупол, од кои 51 е префрлен на лекување, а останатите во затворска колонија во градот Оленивка близу Доњецк.
Украинските власти се надеваат дека ќе биде договорена размена на заробеници, додека портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, одби да каже дали тие ќе бидат третирани како криминалци или како воени затвореници.
„Преговорите за евакуација од ‘Азовстал’ се многу тешки зашто во прашање се човечки животи, а бранителите на Мариупол имаат симболично значење за Русија, но во негативна смисла“, изјави советникот на Зеленски, Михајло Подољак.
Непознато е уште колку украински борци има во фабриката. Русија смета дека се повеќе од 1.000, вклучувајќи ги главните командири.