СТРУШКО ПОЛЕ СЕ НАПОЛНИ СО ФЕКАЛИИ, СОПСТВЕНИК НА ПАРЦЕЛА ТАМПОНИРАЛ ШАХТА НА ЦЕВКОВОДОТ И СЕ ПРИКЛУЧИЛ НА СИСТЕМОТ

    СТРУШКО ПОЛЕ СЕ НАПОЛНИ СО ФЕКАЛИИ, СОПСТВЕНИК НА ПАРЦЕЛА ТАМПОНИРАЛ ШАХТА НА ЦЕВКОВОДОТ И СЕ ПРИКЛУЧИЛ НА СИСТЕМОТСпоред правилата утврдени во 1987, забранети се сите градежни активности на 2,5 метри од цевководот (Фото: СДК.МК)

    Огромни количини фекалии се излеаја во Струшко Поле во близина на селото Франгово поради дефект на колекторскиот систем. Според екологистите, ова се должи на неодржувањето на колекторот, а од ЈП „Колекторски систем“ велат дека граѓаните се виновни оти со нелегални активности прават огромни штети.

    Проблемите со колекторскиот систем веќе низа години претставуваат закана за здравјето на стружани. Деновиве сме сведоци на големо излевање фекални води, што овај систем делумно би требало да ги собира и преработува. Во близина поминува главниот вод на водоводната инфраструктура, од каде што граѓаните се снабдуваат со питка вода, па може да дојде до загадување“, вели граѓанскиот активист Никола Кукунеш.

    Според него, надлежните јавни претпријатија ја подобруваат наплатата, но не и одржувањето на инфраструктурата.

    Директорот на „Колекторски систем“, Владимир Алексијоски, вели дека проблемот е поради нелегални насипувања и поклопувања на цевководот и шахтите од страна на сопственик на парцела, кој самоволно се приклучил на колекторскиот цевковод.

    По пет дена копање не успеавме да ја најдеме шахтата, па бевме принудени да ја викнеме фирмата од Скопје со која имаме склучено договор за соработка. Со снимање на цевководот беше пронајдена шахтата, која беше затрупана со над три метри тампон и шут“, вели Алексијоски и додава дека доколку сопственикот за една недела не изврши санација, ќе мора да ги плати трошоците кои ќе ги направи фирмата надлежна за тоа.

    Тој кажа дека на овој потег биле извадени и отстранети најразлични предмети, од пластични столици до градежен шут. Бил испратен допис до Општина Струга дека ваков начин на тампонирање е забележан од Мислешевски пат кон Ќафасан, со барање инспекциските служби да излезат на терен и да се евидентираат сопствениците на парцели кои без дозвола го тампонираат и бетонираат земјиштето околу колекторот.

    Според правилата утврдени при негова изградба во 1987 година, забранети се сите градежни активности на 2,5 метри од цевководот. Колку диви приклучоци има, не се знае, оти системот не бил снимен комплетно. За овај случај биле снимени 300 квадратни метри и биле откриени пет нелегални приклучоци.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира