Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека разговорите со Бугарија за симнување на ветото за македонските евроинтеграции продолжуваат на ниво на експертски тимови на министерствата за надворешни работи и штом ќе има одреден напредок тогаш ќе биде соопштен на ниво на министри, по денешната средба со бугарскиот колега Кирил Петков во Рим. Ковачевски рече и дека не може да каже дали во моментов има напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ со Бугарија.
„Во овој момент не можам да кажам за тоа дали има напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ со Бугарија, но разговорите продолжуваат меѓу експертските тимови на министерствата за надворешни работи и штом ќе има одреден напредок тогаш ќе биде соопштен на ниво на министри“, изјави Ковачевски, додавајќи дека ако има документ со заемно прифатливо решение, тој ќе биде презентиран јавно.
Тој вели дека веќе не треба да се врзуваме за датуми, па така и за Самитот на ЕУ во јуни, бидејќи, како што кажа, предолго време сме заложници на датуми од месец во месец.
„Без разлика на исходот во јуни, Владата и државата имаат многу јасен план на што ќе се работи во идниот период, а нормално без разлика на исходот ние сме со Бугарија соседна држава, имаме отворени прашања кои ќе треба да бидат адресирани и штом ќе се дојде до решение кое ќе е прифатливо тогаш ќе го соопштиме“, рече Ковачевски, кој денеска е во Рим на чествување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.
И Петков кажа дека не се обврзани со рокови.
„Најважно за двете влади е да имаме конструктивен дијалог и тој да продолжи. Не сме обврзани на никакви рокови, тоа треба да биде јасно. Единствено што се обврзавме е да држиме добар тон“, изјави Петков пред бугарските новинари.
Петков уште еднаш повтори дека конечната одлука ќе биде донесена во бугарскиот парламент.
На средбата на двајцата премиери присуствуваа и министрите за надворешни работи Теодора Генчовска и Бујар Османи.