ВРЕМЕ Е ДА Ѝ СЕ СПРОТИВСТАВИМЕ НА ИНДУСТРИЈАТА НА ОРУЖЈЕ, КАЖА БАЈДЕН ПО УБИСТВОТО НА 19 ДЕЦА ВО ТЕКСАС

    ВРЕМЕ Е ДА Ѝ СЕ СПРОТИВСТАВИМЕ НА ИНДУСТРИЈАТА НА ОРУЖЈЕ, КАЖА БАЈДЕН ПО УБИСТВОТО НА 19 ДЕЦА ВО ТЕКСАСВо денешното пукање во Тексас загинаа 19 деца и две наставнички (Фото: АП)

    Џо Бајден изјави дека му е смачено од трагичните вести за пукања во американските училишта и повика итно да се донесе законот за построга контрола врз огненото оружје, откако 18-годишник уби 19 деца и две наставнички во основно училиште во Тексас.

    Законот за оружјето веќе некое време е заглавен во Конгресот. Познат како „ХР 1446“, тој помина во Претставничкиот дом, но нејасно е кога за него би се гласало во Сенатот. Овој закон би ја затворил таканаречената „Чарлстон дупка“, која им овозможува на лиценцираните продавници да продаваат оружје и пред да се спроведе потребната проверка на купувачот. Законот би го зголемил овој временски рок од три на најмалку десет работни дена.

    Користејќи ја оваа „дупка“ во правилата, бел напаѓач легално купи оружје и уби девет лица во црква во Чарлстон во 2015.

    Поминаа 3.448 дена, речиси десет години, откако стоев во основното училиште ‘Сенди Хук‘ во Конектикат, каде што беа убиени 26 луѓе, од кои 20 мали деца. Оттогаш, имало над 900 инциденти со огнено оружје во американските училишта. Кога ќе го направиме она што знаеме дека мора да го направиме? Знаеме дека не можеме да спречиме секоја трагедија, но овие закони функционираат и ќе имаат позитивно влијание. Идејата дека 18-годишник може да влезе во продавница и да купи напаѓачко оружје е погрешна. За што ви треба такво оружје освен да убиете некого?“, кажа Бајден.

    Тој вели дека е време државата да им се спротивстави на производителите на оружје, кои две децении агресивно го рекламирале напаѓачкото оружје, кое им носи најголем профит.

    Оваа година, во САД имало 39 пукања во образовните установи, при што имало десет загинати и 51 повреден.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира