КОНЗУЛКАТА ОД БИТОЛА НАПИША КНИГА ЗА СОПРУГОТ ЉУПЧО СПИРОВСКИ – „ЛЕГЕНДАТА НА МАКЕДОНСКОТО АЛПСКО СКИЈАЊЕ“

    КОНЗУЛКАТА ОД БИТОЛА НАПИША КНИГА ЗА СОПРУГОТ ЉУПЧО СПИРОВСКИ – „ЛЕГЕНДАТА НА МАКЕДОНСКОТО АЛПСКО СКИЈАЊЕ“Лилјана Спировска, до неодамна конзул на Велика Британија во Битола, со сопругот Љупчо Спировски, некогаш неприкосновен победник во алпско скијање во Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Скиите беа двапати поголеми од него кога на пет години првпат се обиде да тргне по белите траги на својот татко. Од десет години почна да се натпреварува, а потоа долго време го држеше приматот на македонска и југословенска легенда во алпско скијање. Ова е само мал извадок од книгата за Љупчо Спировски (73), некогаш неприкосновен победник во алпско скијање во Македонија, нарекуван „детето од Пелистер“ и „апсолутен господар на белите патеки“, која ја напиша неговата сопруга Лилјана Спировска, до неодамна почесен конзул на Велика Британија во Битола.

    „Во 2017 година кога ја објавив мојата прва книга за Британскиот почесен конзулат, ветив дека ќе пишувам за една скијачка легенда, а тоа е мојот сопруг Љупчо, вонсериски талент кој суверено владееше на белите снежни патеки како активен скијач и натпреварувач 25 години, а и потоа пренесувајќи го своето знаење на помладите. ‘Легендата на македонското алпско скијање’ ја работев две години и ми беше задоволство да пишувам. Во северните земји за скијачите се пишувани книги и химни. За нашите скијачи, за жал, многу малку е пишувано“, рече Спировска.

    Спировски во неговата кариера освои многу награди, трофеи, пехари, со години беше апсолутен победник во алпско скијање во Македонија. Ги бранеше боите на југословенската репрезентација на Олимпијадата во Гренобл, Франција, во 1968 година. Го носеше и олимпискиот факел во Битола пред отворањето на Олимписките игри во 1984 година. Беше и еден од носителите на олимпиското знаеме на отворањето на Олимпијадата во Сараево.

    „Беше голема реткост и гордост за сите што пишувавме за скијањето и планинарењето зашто покрај Словенците кои го носеа бајракот во Југославија за скијање , се најде еден Македонец, а посебно битолчанец да го носи олимпиското знаме“, рече новинарот Петар Ставрев.

    Љупчо Спировски на промоцијата на книгата рече дека првиот натпревар го имал во месноста Снегово во Битола. Потоа се нижеле натпревари, тренинзи до неговата 35 година.

    „Минаа 25 години без ни една година прекин, нити од повреда, нити од било која друга причина не сум отсуствувал од натпреварите. Во спортот најтешката работа е тренингот. Ако имаш добар тренинг, напорен, прав тренинг, тоа дава резултат на натпреварите. Тоа го сфатив од првиот момент, тоа беше за мене закон. Не постоеше ден во 365 дена да не бидам активен“, вели Љупчо.

    Љупчо Спировски (трет од лево) како еден од носителите на олимпиското знаме во Сараево 1984 година. (архивска фотографија)

    Бил маестрален и во спуст, слалом и велеслалом. Скијал на натпревари од Триглав до Пелистер. Но, како на голем предизвик се сеќава на Државното првенство во Маврово кога патеката за спуст не била обезбедена, а возеле со 90 до 100 километри на час. Вели: „Беше страшна работа да се издржи тоа, а денес гледаме какви обезбедувања има со мрежи и што уште не, ние тогаш бевме препуштени сами на себе’.

    Спировски им порачува на клубовите што се занимаваат со скијање да ја користат патеката Копанки за тренинг. Вели Пелистер е роден за школа и учење млади скијачи.

    „Денес во Македонија стагнира скијањето, нема перспектива. Многу малку клубови има, исто така и натпреварувачи. Треба да се даде една поддршка од пошироката заедница, посебно финансиска, зашто скијањето скап спорт“, вели Иванчо Георгиевски, рекреативен скијач.

    Спировски порано беше и директор на Деткото одморалиште „Пелистер“, кое со години е под клуч. „По неговото пензионирање Детското одморалиште е затворено, а овој град уште не наоѓа решение како да го отвори. Апел да го оживееме Пелистер, ама не само во партиските програми“, порача Менде Младеновски, новинар.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира