Володимир Зеленски изјави дека Украина губи до 100 војници дневно, додека руските сили ја засилуваат офанзивата во регионот Донбас, првенствено на градот Северодоњецк.
„Ситуацијата е многу тешка. Дневно губиме меѓу 60 и 100 војници, а околу 500 се ранети во акција. Но, го држиме нашиот одбранбен периметар“, изјави Зеленски.
Тој кажа дека најкритично е во регионите Доњецк и Луганск.
„Украинскиот народ е одбранбениот периметар на светот против агресијата на Владимир Путин. Русија нема да запре на Украина, тоа е сигурно. И други земји се под закана, бивши републики на СССР и членки на ЕУ, од кои некои се и членки на НАТО“, предупреди украинскиот лидер.
Русија целосно ја фокусираше својата воена кампања на Донбас, со цел да ги „ослободи“ регионите Доњецк и Луганск.