Данците со големо мнозинство гласаа за приклучување на земјата кон заедничката одбранбена политика на Европска Унија, станувајќи последната членка на блокот која го направила тоа. На вчерашниот референдум, 67% гласачи се изјасниле за прекинување на 30-годишното изземање.
Данска го одржа референдумот откако традиционално неутралните Шведска и Финска објавија дека сакаат да се придружат на НАТО.
Данска е еден од основачите на НАТО, но на референдумот во 1993 се избори за изземање од заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, за што премиерката Мете Фредериксен кажа дека сега е време да се промени.
„Данска со ова испрати многу важен сигнал. До нашите сојузници во Европа и НАТО и до Владимир Путин. Данска сега може да земе учество во европската безбедносна и одбранбена соработка и ќе ги зголеми вложувањата во одбраната на 2% од бруто домашниот производ до 2033 година, согласно барањата на НАТО“, кажа Фредериксен.