Шестмина се под истрага за трговија со луѓе на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во случајот во кој девојка со посебни потреби 4 месеци е продавана за секс од мајка ѝ и сестра ѝ.
„Во временскиот период од декември 2021 до април 2022, трето и четврто осомничените – мајка и сестра на посебно чувствителната жртва, ја врбувале девојката злоупотребувајќи ја својата положба како најблиски роднини на жртвата врз која имаат контрола, како и нејзината ментална неспособност. Потоа ја предавале на прво и второ осомничените кои ја прифаќале и засолнувале во нивните домови заради сексуална експлоатација со нив и со други НН лица, за што на осомничените мајка и сестра на жртвата им давале надомест во пари или друга корист. Жртвата е пронајдена од страна на полициските службеници од МВР во домот на шестоосомничениот кој ја прифатил со цел сексуално и трудово да ја искористува за надомест од 5.000 денари“, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Обвинителството му предложи на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје да им биде определена мерка притвор на сите осомничени.