Во железничката несреќа која денеска се случи на линијата Гармиш Партенкирхен-Минхен, потврдена е смртта на најмалку тројца патници. Повеќе од 60 луѓе се повредени, од нив 16 потешко. Регионалниот воз патувал кон Минхен во моментот кога, од непознати причини, излетал од шините кај селото Бурграин. Три вагони се превртеле по излетувањето.
Полицијата и спасувачките екипи во голем број се обидуваат да ги извлечат заглавените патници од остатоците од возот. Стравувањата на надлежните се дека меѓу патниците имало многу деца, поради почетокот на летниот распуст во таа германска покраина.
Германската железница им изрази сочуство на семејствата на повредените, и отвори посебна телефонска линија за информации за роднините. Целосно е запрен и патничкиот сообраќај на околните два автопати затоа што преку нив интервенираат спасувачките екипи и пожарникарите.