За разлика од лани кога биле склучени 3.850 договори за осигурување на посеви, плодови и добиток, годинава, според Агенцијата за супервизија на осигурување, тој број е значително намален. Земјоделците како главна причина за тоа го наведуваат фактот што тие и сточарите се во неизвесност и немаат гаранција за оваа година, оти сè уште не ги добиле ланските субвенции во висина од 60 отсто од премијата што ја платиле за осигурување.
„Сè уште не сме ги добиле субвенциите од 60 отсто од премијата што целосно ја плативме минатата година уште во април, кога ги осигуравме лозовите и овошните насади. Затоа годинава немаме намера да го сториме тоа, па што даде господ, иако јуни почна со чести врнежи, проследени со град“, велат земјоделците, кои од ресорните подрачни единици добиле образложение дека тие ги доставиле барањата со полисите до Агенцијата за поддршка на земјоделството.
Порано земјоделците плаќаа само 40 отсто од вкупната премија, а останатите средства осигурителните компании ги побаруваа директно од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Но, веќе трета година, тие целосно го плаќаат осигурувањето, а потоа поднесуваат барања во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за исплата на осигурителната субвенција од 60 проценти, која е со лимит до 150.000 денари.
„Незамисливо е да имаш неколку стотици хектари овошен насад, а да не го осигураш. Но, условите и неизвесноста на правилата и низа други недоследности ги одвраќаат земјоделците од осигурување, меѓу другото, и поради тоа што тешко се наплатува штета. Од овие причини, во Македонија има многу малку осигурителни компании кои нудат вакви осигурувања. Обично ги одбиваат земјоделците од региони подложни на временски неприлики“, вели штипскиот овоштар Младен Митев.
Наши истражувања велат дека субвенции биле исплатени само на дел од големи стопанства, не и на земјоделците со неколку декари насади или посеви. Оваа субвенција е законска, па затоа земјоделците се скептични колку ќе се применува новиот предлог-закон за задолжително осигурување. Земјоделците велат дека предлог-измените предвидуваат минимална субвенција од 20 проценти по полиса. Овој процент веќе бил утврден во нацрт-законот за задолжително осигурување и ќе биде на товар на Фондот за осигурување, а земјоделските стопанства ќе плаќаат од 30 до 80 проценти од премијата за осигурување.
Од кабинетот на министерот за земјоделство велат дека сите видови субвенции, па и за осигурувањето, ќе бидат исплатени до крајот на овој месец.
Т. ЈОВАНОВСКИ