Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека не очекува претстојниот самит на ЕУ да го отвори патот за неговата земја за почеток на пристапните преговори, за што ја обвини Бугарија.
Сите членки на блокот во март 2020 дадоа зелено светло за Албанија и Македонија да ги почнат преговорите за членство во Унијата, но тие оттогаш се во застој поради спорот за јазикот, историјата и идентитетот што Бугарија ѝ го наметна на Македонија. Иако ветото на Софија се однесува само на Македонија, ЕУ преферира двете земји заедно да преговараат за членство, со што и Албанија е блокирана.
„Немам никакви очекувања од состанокот следната недела. Мислам дека ништо нема да се случи. Албанија и Северна Македонија нема формално да ги почнат пристапните преговори“, вели Рама.
Запрашан дали некоја членка на ЕУ навестила дека преговорите би можеле да почнат наскоро, Рама кажа:
„Каков сигнал можат да дадат? Тоа нема врска со нив, туку само со Бугарија. Сите се согласија, сите дадоа поддршка, сите сметаат дека преговорите треба да почнат што поскоро и дека веќе требаше да почнат. Но, сите се ограничени од Бугарија“.
Тој не верува дека бугарските лидери ќе ја променат својата позиција, бидејќи проблемот го направија толку голем што сега не можат да се повлечат.
„Тие влегоа во спирала. И од таа спирала многу, многу тешко се излегува“, кажа Рама.