Локален рибар го призна убиството на британскиот новинар Дом Филипс и на експертот за изолирани племиња Бруно Переира и ја одведе полицијата до местото каде што биле ископани човечки остатоци. Полицијата вели дека соработува со Интерпол за да ги идентификува останките.
Педесет и седумгодишниот Филипс и Переира (41) исчезнаа во зафрлен дел на амазонската прашума на 5 јуни, додека биле на истражувачко патување. Во врска со случајот се уапсени двајца браќа.
„Првиот осомничен детаљно го опиша злосторството и ѝ навести на полицијата каде се наоѓаат телата. Тие се пронајдени три километри подлабоко во шумата“, изјави детективот Едуардо Фонтес, додавајќи дека би можело да има уште апсења.
Мотивот за двократното убиство не е познат, но Филипс и Переира добиле закани неколку дена пред исчезнувањето откако воделе кампањи против илегалниот риболов во областа. Тие последен пат биле видени на брод на влезот на домородна територија која граничи со Колумбија и Перу.
Филипс повеќе од десет години живеел во Бразил и бил дописник на весникот „Гардијан“, додека Переира работел во владината агенција за домородни заедници.