Пролонгирањето на процесот на евроинтеграција ја разнишува довербата во Европската Унија, рече претседателот Стево Пендаровски на денешната заедничка прес-конференција со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Охрид.
„Денес разговаравме за тоа дека со пролонгирање на македонските евроинтеграции се разнишува кредибилитетот на Европската Унија, што истовремено значи и опаѓање на нејзиното влијание меѓу нашите граѓани. Условувањето од страна на земја-членка кон земја-кандидат за членство од билатерални причини не само што флагрантно го прекршува ветувањето за европска иднина на земјите од Западниот Балкан, туку може и целосно да ја компромитира политиката на проширување и да прерасне во опасен преседан кој ќе стави крај на овој процес кој, инаку, со години беше сметан за најдобра надворешна политика на Унијата“, рече Пендаровски.
Тој изрази надеж дека следната недела во Брисел, лидерите на Европската Унија конечно ќе го исполнат своето ветување од март 2020, кога Советот за општи работи едногласно донесе одлука во најбрз можен рок да почнат пристапните преговори со Македонија.
Претседателот смета дека посетата на Мишел, во овој турбулентен период за Европа и за светот на само неколку дена пред јунскиот самит на ЕУ, укажува на потребата од координација на чекорите меѓу Балканот и Унијата во очи на нужноста од решителни и принципиелни одлуки.
Проектот за обединета Европа, според него, отсекогаш содржел и јасен геополитички аспект. Но во овие моменти на војна на континентот, рече тој, таа негова димензија е посебно нагласена.
„Наспроти реалните разочарувања и заморот од чекањето за пробив на европскиот пат, за нашата посветеност, меѓу другото, најсилно зборуваат две работи, од една страна, нашето целосно, стопроцентно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и приклучување кон сите пакети на санкции кон Руската Федерација, а од друга – Европската Унија и понатаму е нашиот далеку најважен трговски партнер, обезбедувајќи поддршка и финансиска помош за спроведување на неопходните реформи“, нагласи претседателот на државата.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел рече дека даваат поддршка за Македонија и Албанија што е можно поскоро да ги отпочнат преговорите со ЕУ.
„Дојдовме во Македонија со една јасна порака дека ЕУ е посветена и работи на што е можно поскоро да започнат преговорите за Северна Македонија и Албанија, тоа за нас е приоритет. Ги поддрржуваме сите напори да се изнајдат решенија за отворените билатерални прашања со Бугарија, бидејќи тоа е важно за целиот регион, рече Мишел.
С. ВРЕНЦОВСКА