ОД ПАНКРЕАТИТИ ДО КРВАРЕЊА НА ДЕБЕЛО ЦРЕВО ИМА КАЈ ПОСТКОВИД ПАЦИЕНТИ НА ГАСТРОЕНТЕРОХЕПАТОЛОГИЈА

    ОД ПАНКРЕАТИТИ ДО КРВАРЕЊА НА ДЕБЕЛО ЦРЕВО ИМА КАЈ ПОСТКОВИД ПАЦИЕНТИ НА ГАСТРОЕНТЕРОХЕПАТОЛОГИЈАВо последните пет години, на Клиниката биле дијагностицирани 355 лица со карцином на црн дроб, рече директорката Калина Гривчева-Старделова. (Фото: Принтскрин од видео)

    Зголемен број на пациенти со постковид компликации биле регистрирани во изминатиот период на Клиниката за гастроентерохепатологија, рече директорката Калина Гривчева-Старделова.

    „Имавме пациенти со постковид панкреатит, постковид пациенти со пореметување на работата на црниот дороб што се манифестираше со жолтило и покачени ензими на црниот дроб. Имаше пациенти со крварење од дебело црево, а за тоа да нема некоја посебна причина зашто вирусот делуваше и на крвните садови. Имаше доста постковид пациенти, но се надевам дека тоа ќе остане една историја“, рече Гривчева-Старделова.

    Таа посочи дека за време на ковид кризата, иако третиот кат во два наврати бил ковид-центар, сепак, ни еден ден не престанале со прегледи и лекување на новите пациенти кои имаат проблеми со црниот дроб и други органи.

    Во последните пет години, на Клиниката биле дијагностицирани 355 лица со карцином на црн дроб. Клиниката денес како донација од Фондацијата „Никола Јанчев“ доби ултразвучен aпарат што ќе биде дел од Центарот за болести на црн дроб и примарно ќе се користи во дијагностика на карцином, а потоа и за други ултразвучни иследувања за потребите на пациентите.
    Гривчева- Старделоварече дека овој апарат ќе биде многу важен за рана детекција на промени на црниот дроб, што е многу важно за навремено лекување.

    „Граѓаните да прават редовни систематски прегледи со комплетна лабораториска слика за да се види дали има потенцијална можност од добивање некакво заболување на црниот дроб. Ако има промени или замастување на црниот дроб треба континуирано следење на 6 месеци или една година. Испитување на вирусните марекери на Б и Ц хепатит посебно кај ризичните групи пациенти на дијализа, кои добивале трансфузии, зависници и други. Имаме антивирусна терапија за Ц хепатит, тримесечна терапија е доволна за да се излекуваат, но мора да се продолжи со редовни прегледи“, додаде директорката.

    Донацијата во вредност од 2,3 милиони денари ја предаде Јанинка Чупаркоска, сестра на градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој е основач на Фондацијата „Никола Јанчев“ именувана по нивниот сега покоен татко, основач на компанијата „Кожувчанка“.

    „Нашата Фондација има една единствена цел, да им помага на луѓето преку хуманитарни активности“, рече Чупаркоска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира