Бугарскиот претседател Румен Радев денеска кажа дека францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции е чекор во правилната насока, но смета дека остануваат неколку прашања кои што треба да бидат разјаснети пред да биде кренато бугарското вето.
„Предлогот на Француското претседателство е чекор во правилната насока, но остануваат редица прашања кои што треба да бидат разјаснети пред да биде кренато ветото“, изјави Радев пред бугарските новинари.
Радев вели дека внесувањето на Бугарите во македонскиот устав пред почетокот на пристапните преговори со ЕУ е „задолжителен, но недоволен услов“ и потоа ги повтори неговите познати ставови за „искоренување на децениската политика на дебугаризација, кражба и фалсификување на бугарската историја“.
Тој го нападна бугарскиот премиер Кирил Петков дека не успеал да изработи бугарски предлог, а одговорноста за францускиот предлог ја префрлил на бугарскиот парламент.
„Не може премиерот да внесува странски предлог без свое мислење. Тој не е курир, туку премиер“, вели Радев.
Предлогот на Француското претседателство вчера беше доставен до комисијата за надворешни работи на бугарскиот парламент и таму треба да биде донесена одлуката дали ќе биде прифатен и ќе биде кренато бугарското вето за почеток на преговорите меѓу ЕУ и Македонија.
Следната недела (23 и 24 јуни) се одржува состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел, каде што Петков треба да ја соопшти одлуката дали има промена на бугарскиот став. Тој синоќа кажа дека тоа зависи од одлуката на парламентарната комисија.
- СИТЕ БУГАРСКИ БАРАЊА, ОСВЕН НЕПОСТОЕЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ВЛЕГУВААТ ВО ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА ЗА ЕУ
- И МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА ДА ИМААТ СВОЈА ИЗЈАВА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА СО ЕУ, ВЕЛИ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ
- МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ГИ ПОЧНЕ ПРЕГОВОРИТЕ ПРЕД ДА ГИ ВНЕСЕ БУГАРИТЕ ВО УСТАВОТ, КАЖА ПЕТКОВ ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ
- ВЛАДАТА ЈА СТАВИ НАШАТА СУДБИНА ЦЕЛОСНО ВО БУГАРСКИ РАЦЕ, ТРЕБА ДА СИ ПОНЕСЕ ПОЛИТИЧКА ОДГОВОРНОСТ, ВЕЛИ ПОРАНЕШНИОТ МИНИСТЕР НИКОЛА ДИМИТРОВ