Некогашниот градоначалник на Богота и бивш герилец Густаво Петро стана првиот левичарски претседател на Колумбија, откако го победи кандидатот на крајната десница Родолфо Ернандес во вториот круг од изборите. Петро освои 50,5% гласови и неговата победа претставува голем пресврт за земјата, која со децении ја водеа умерени сили и конзервативци.
„Ова е победа за Господ и за народот“, изјави 62-годишниот Петро.
Неговата победа значи дека Франсија Маркес ќе биде првата црна потпретседателка на земјата.
Ернандес, чија кампања силно се потпираше на ТикТок и други социјални мрежи, го призна поразот и му порача на Петро да се зафати со вистинска борба против корупцијата.
Петро бил припадник на сега расформираното левичарско бунтовничко движење „М-19“ во 1980-ите, една од многуте герилски организации кои водеа војна против државата. Тој помина некое време во затвор, пред да стане сенатор, конгресмен и прв човек на Богота.