ЕУ МОРА ДА ГО УКИНЕ КОНСЕЗУСОТ ЗА НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА, ВЕЛИ ФОН ДЕР ЛАЈЕН

    ЕУ МОРА ДА ГО УКИНЕ КОНСЕЗУСОТ ЗА НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА, ВЕЛИ ФОН ДЕР ЛАЈЕНФон дер Лајен смета дека едногласното одлучување веќе не е одржливо (Фото: Ѓ. Личовски)

    Европската Унија мора да реагира побрзо на геополитичките промени и да го укине едногласното одлучување во надворешната политика, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

    „За надворешните работи мора да преминеме на гласање со квалификувано мнозинство“, кажа Фон дер Лајен во пресрет на самитот на Европскиот совет, на кој, меѓу другото, ќе се одлучува и дали да им се одобри кандидатски статус на Украина и Молдавија.

    Во минатото, ЕУ се соочуваше со мачни и срамни одложувања на важни одлуки поради противењето на само една земја-членка, што во последно време го кочи и процесот на проширување, бидејќи Бугарија го блокира почетокот на пристапните преговори со Македонија и Албанија.

    Фон дер Лајен, сепак, признава дека така голема промена во начинот на одлучувањето ќе биде тешко да се постигне.

    „Дојдов до цврст личен заклучок дека едногласното одлучување веќе не е одржливо, особено во надворешните прашања. Поради брзината со која се случуваат работите, светот сака да го слушне европскиот глас, што често не е можно поради блокирањето од само една членка“, кажа Фон дер Лајен.

    И германскиот канцелар Олаф Шолц неодамна порача дека ЕУ треба да ги модернизира своите процеси за да им овозможи на кандидатите да се зачленат полесно.

    „ЕУ треба да се подготви за проширување на блокот и притоа да ги модернизира своите структури за носење одлуки и процеси. Во иднина нема да биде можно за сè да се одлучува едногласно како денес“, кажа Шолц.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира