СИТЕ БУГАРСКИ БАРАЊА СЕ ВО ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА, ПОТВРДИ ВАРХЕЈИ

    СИТЕ БУГАРСКИ БАРАЊА СЕ ВО ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА, ПОТВРДИ ВАРХЕЈИПремиерите Еди Рама и Димитар Ковачевскиот пред денешниот самит ЕУ-Западен Балкан. (Фото: Твитер)

    Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји утринава потврди дека сите бугарски барања се внесени во преговарачката рамка за Македонија, пред денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел.

    „ЕУ ги сфаќа сите бугарски грижи многу сериозно и тие сега се дел од преговарачкиот процес. Моментот за одговорни одлуки е сега. Западен Балкан треба да биде дел од нашата Европска унија. Заедно ќе бидеме посилни“, твитна Вархеји.

    Од Брисел се јави и албанскиот премиер Еди Рама, кој објави селфи со македонскиот колега Димитар Ковачевски.

    „Сè уште го чекаме Годо? Не, навикнати сме на ваква шарада и сме повеќе од кога било посветени нашите земји да напредуваат и да го модернизираме регионот со непоколеблив европски дух“, објави Рама.

    Денеска и утре во Брисел се одржува и состанокот на лидерите на земјите членки на ЕУ, на кој што треба, меѓу другото, да се одлучи и за евентуален почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија и Албанија.

    Францускиот предлог за преговарачката рамка денеска повторно е на дневен ред во бугарскиот парламент.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира