Вработените во Општина Тетово кои изминатите два дена штајкуваа ќе добијат зголемување на платите за 2.800 денари. Градоначалникот Биљал Касами кажа дека се потпишани измени на колективниот договор со кои се врши лиенарно зголемување на платите.
„Усогласувањето се врши за сите вработени во Општината, освен за оние за кои веќе имаше зголемување по основ на зголемување на минималната плата. Им излегуваме во пресрет на вработените и нивните барања за подостоинствен живот во ова кризно време со кое сите се соочуваме. Со мотивирани и вреднувани вработени создаваме еден работен процес кој резултира со ефикасни, подобри и поквалитетни услуги за сите граѓани“, изјави градоначалникот Касами на денешната прес-конференција.
Општина Тетово со долг од околу 24 милиони евра е една од најзадолжените Општини во државата, но според Касами, Општината иако има големи долгови ќе може да исплаќа зголемени плати, а тоа од друга страна ќе резултира со повеќе наплата на даноци.
„Сега сме во фаза на реконструирање на општинската администрација, преку која ќе обезбедиме поквалитетни услуги за граѓаните. Ќе имаме помотивирани граѓани кои ќе бидат поподготвени да ги реализираат своите обврските кон градот. Рековме дека општинскиот долг е голем, но исто така и побарувањата по основ на разни даноците во Општината не беа реализирани. Затоа, веќе сме во фаза во која граѓаните се поефикасни во делот на плаќање на обврските кон Општината и преку тоа ќе обезбедиме средства за плаќање на платите на вработените и на зголемување на платите“, појасни Касами.
Вработените во Општина Тетово деновиве се приклучија на штрајкот организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), барајќи зголемување на платите од 2.806 денари. Во моментов, со постојан работен однос се 340 луѓе, а за покачените плати во буџетот ќе треба да се обезбедат 1,2 милиони денари.
З. АНДОНОВ