Третата парада на гордоста вечерва делифира низ улиците во Скопје. Неколку илјади граѓани маршираат под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“, а маршот ќе заврши со културно-забавна програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.
Огромно знаме со боите на виножитото е традиционалниот реквизит на парадата, на која има и транспаренти со пораки за еднаквист и толеранција, меѓу кои и „Само кревко его се плаши од еднаквост“ и „Гордост, а не предрасуди“.
Ќе пеат Андреа и Наде Спасовска-Талевска, ќе настапат диџеи и дрег кралици од земјата и од регионот, а програмата ќе ја води актерката актерката Наталија Теодосиева.
Парадата, која ја организира Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, со лично присуство ја поддржаа повеќемина јавни личности, активисти и политичари, меѓу кои и вицепремиерот Бојан Маричиќ и министерката за труд Јована Тренчевска и американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.
Претседателот Стево Пендаровски денеска посети волонтери и организатори на Парадата, и како што соопштија од Кабинетот, со нов разговараше за логистика и дадената институционална поддршка, безбедносните и промотивните прашања.
„Прифаќањето на различностите и ослободеност од предрасуди се показател на зрело, демократско и отворено општество кое е подготвено да направи простор за секој од неговите членови. Имаме заедничка одговорност да овозможиме уживање на основните права и себереализација на секој, без страв од отфрленост, особено кога станува збор за ранливите заедници. Скопје прајд 2022 е парада на различност, прифаќање и дружба на ЛГБТИК+ заедницата, но и можност за сите кои ја разбираат и прифаќаат различноста по основ на сексуална ориентација и родов идентитет да ја искажат својата поддршка“, рече Пендаровски.
Премиерот Димитар Ковачевски ја поддржа Парадата како „од значајните демократски случувања во Северна Македонија“.
„Како Влада посветено работиме за да овозможиме добробит на сите граѓани – донесовме Закон за спречување и заштита од дискриминација каде влегоа и сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Комисијата за заштита од дискриминација за прв пат има лица и од граѓанскиот сектор. Има уште предизвици, но заедно и посветено ќе ги решаваме и надминуваме“, објави на Фејсбук Ковачевски.